Во Државната изборна комисија денеска почна врачувањето на уверенијата на избраните пратеници на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 27 април.
Како што најавија, избраните пратеници од опозицијата предводена од СДСМ не се појавија на врачувањето на уверенијата во предвидениот термин. Неприфаќање на мандатот најави и Руфи Османи, единствениот пратеник на НДП што доби мандат.
Претпладнето, уверенијата за избрани пратеници во ДИК ги подигнаа новите парламентарци од ДПА, со исклучок на лидерот на партијата Мендух Тачи. По нив тоа треба да го направата новоизбраните пратеници од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ.
Во идниот состав на Парламентот ќе седнат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ. Опозицијата предводена од СДСМ освои 34 мандати, за кои најави дека нема да ги прифати.
Конститутивната седница на Собранието се очекува да биде свикана до крајот на неделава, откако спикерот Трајко Вељаноски официјално ќе го добие извештајот од ДИК дека предвремените парламентарни избори 2014 може да се сметаат за завршени.
извор: МИА