Маневски: За реизбор на судии нема никаква законска и уставна можност, Заев сака да ги заплаши судиите

Најавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и претходно на поранешниот социјалдеморкатски министер Љубомир Фрчкоски дека ќе го распуштат судството и ќе вршат реизбор немаат никаква уставна и законска основа, нагласува поранешниот министер за правда Михајло Маневски.

Маневски потсетува и дека Заев најавува дека, покрај судството, ќе го урива и правосудството, што според неговата оцена претставува класично кршење на законите.

„Сите реформи во судството се правени по препорака на Европската комисија. ЕУ бараше судиите да бидат избрани без ограничување на мандатот, како и да се формира Академијата за судии. Јасно е дека за реизбор на судии нема никаква законска и уставна можност“, појаснува во понеделникот поранешниот минситер за правда за Телеграф.мк.

Заев во неделата најави распуштање и реизбор на судии, потег кој политичка партија не би смеела да го најавува доколку пропагира независност на судството, едногласни се експертите.

„Паралелно веднаш ќе мораме да ги отвориме процесите за независноста во судството. Ние докажавме дека нема правна држава во Македонија. Ветивме и чиста ни е состојбата по ова прашање – распуштање на судството и негов реизбор“, рече Заев за Радио слободна Европа.

Маневски истакнува дека за промена на речиси сите закони поврзани со судството е потребно двотретинско мнозинство во Собранието и оти Заев тешко ќе може да ги реализира. Според него, потребно е да се слушне и ставот на Европската унија за најавите на Заев, бидејќи тој човек претендира да биде на чело на владата.

„Ако ЕУ не реагира, тоа ќе значи дека ги урива реформите за коишто инсистираше да бидат спроведени. Очигледно е дека Заев сево ова го прави смислено за да ги заплаши судиите“, смета Маневски.