Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка” од Тетово денеска во големата сала на Центар за култура „Иљо Антевски-Смок“ во Тетово ќе ја одржи четвртата манифестација „Фолклорни игри под Шара“. Манифестацијата ќе започне во 17:00 часот со дефиле на културно-уметничките друштва по улиците на градот, а свечениот концерт е закажан за 19:00 часот.
– Манифестацијата има мултиетнички карактер на која на едно место се претставува фолклорот на народите кои живеат во пазувите на Шар Планина. На годинешната манифестација, како и на претходните три изданија, својот фолклор го претставуваат културно-уметнички друштва кои делуваат во Тетово и околните населени места. На сцената ќе продефилираат народните носии на Македонците, Албанците, Турците и Србите, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Народните игри на Македонците и Србите ќе ги претстават членовите на домаќините, КУД „Бранко Чајка“ кое што делува во состав на Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово. Покрај ова друштво пред тетовската публика ќе настапат КУД „Брвеница“ од Брвеница со македонски фолклор, КУД „Џеладин Зеќири“ од Тетово со албански фолклор, КУД „Јени хајат“ Тетово со турски фолклор како и Вокалниот ансамбл „Распеани кичевчани“ од Кичево.
Манифестацијата „Фолклорни игри под Шара“ претставува проект од национален интерес во културата за 2024 година на Министерството за култура на Македонија од областа на фолклорот.