Ману Чао Ла Вентура за совршен крај на Д Фестивал

Вкупно 13.000 посетители, преку 1.000 шатори во фестивалскиот камп и три дена интензивна забава го одбележаа петтото јубилејно издание на Д Фестивал што се одржа во Дојран од 17-ти до 19-ти јули.

– Имавме сензационален старт на Д Фестивал во петокот, уште поуспешна сабота и очекувано, најатрактивната последна ноќ. Совршениот крај беше одбележан со настапот на Ману Чао Ла Вентура. Ману, Гамбит, Маџид, Филипе, Џанлука и Габриел, брилирираа со шармот, талентот, неприкосновената борбеност и страст, во амбиент кој нема наскоро да биде надминат ниту пак ќе се заборави. Ману Чао Ла Вентура покажаа и докажаа зошто ги предводат најголемите фестивали и одржаа показна вежба како еден бенд треба да функционира, велат организаторите, пренесува МИА.

На главната сцена вчера се претставија и Бла Бла Бла… Баилдса и Драм енд Брас трио, а шоуто на Ману траеше преку два часа и соодветно, велат, беше најавено со огномет над Дојранското Езеро.

Во еден момент, на покана на Ману Чао, на концертот се појавија и тројца претставници на Студентскиот пленум, движење кое Ману Чао го поддржа уште во февруари.

Организаторите најавуваат дека ќе работат на тоа Дојран и Македонија да бидат важна точка на европската фестивалска мапа.