МАПАС: Младите да се информираат навремено за доброволните пензиски фондови

Особено е важно младите навремено да се информираат за правата, обврските и придобивките на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови, веднаш по започнувањето на работниот однос, потенцираат од Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) по повод Недела на пензиската свесност, која оваа година е од 7 до 15 септември.

Денот за пензиска свесност, пак, e на 15 септември, почнувајќи од 2014 година, и има за цел да ја истакне важноста на пензиското штедење.

Од МАПАС најавија дека во рамки на својата мисија да ги заштитат интересите на членовите на пензиските фондови и да го поттикнат развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови, Денот за пензиска свесност ќе го одбележат со низа активности користејќи ги електронските комуникациски алатки и социјалните медиуми.

Како што посочуваат, едукативните активности се организираат со цел да се подигне свеста на граѓаните за значењето на пензиското осигурување и да се зголеми информираноста за пензискиот систем.

-Со тоа, сегашните и идни осигуреници и членови добиваат значајна основа за да можат да ја испланираат и да ја осигураат својата пензиска иднина, се наведува во соопштението на МАПАС.