Американската поп ѕвезда Мараја Кери откри дека пати од биполарно нарушување (растројство) и оти започнала со лекување.
Пејачката, којашто поради распонот на гласот од пет октави стана една од најуспешните музичарки во 1990-те, вели дека се решила да излезе во јавноста за да ја симне стигмата од менталните заболувања.
„Се’ до неодамна живеев во порекнување и изолација и постојан страв дека некој ќе го открие тоа“, вели Кери во разговорот за списанието People.
Кери, којашто е во доцните 40-те години, вели дека долго мислела оти има проблем со спиењето, но дека инсомнијата и нервозата се претвориле во полесен облик на биполарно нарушување, познат како манична депресија.
„Бев многу осамена и тажна, дури чувствував и вина што не го правев тоа што требаше да го сторам за својата кариера“, вели. Биполарното нарушување „не мора потполно да ве одредува и не дозволувам тоа да ме контролира“.
Кери признава дека пати од биполарното афективно растројство 2, кое има поблаги нарушувања од биполарното нарушување 2. Од ова нарушување патат 2,8 отсто од возрасните Американци, покажуваат податоците на тамошниот Национален институт за ментално здравје.