Мареј не донел конечна одлука за настапот на Вимблдон

Најдобриот британски тенисер на сите времиња, 37-годишниот Енди Мареј, кому во саботата му беше отстранета цистата на ‘рбетот, сѐ уште нема донесено конечна одлука за настапот на Вимблдон, изјави за BBC тренерот на британскиот Дејвис куп селектор, Леон Смит.

Имено, Здружението на тениски професионалци (АТП) во неделата преку социјалната мрежа Х објави дека поранешниот двократен победник на Вимблдон ќе мора да го пропушти домашниот Грен слем турнир на трева, поради операцијата на која мора да се подложи. Меѓутоа, неколку часа по објавувањето, таа порака е избришана.

Минатата седмица Мареј играше на турнирот во лондонскиот Квинс клуб, каде го победи Австралиецот Алексеј Попирин, а потоа беше принуден да му го предаде дуелот на својот сонародник Џордан Томпсон по само пет одиграни гема.

Стануваше збор за болки во грбот кои се влошија за време на настапот на Мареј на Ролан Гарос.

„Тој имаше процедура во саботата, а сега треба да почекаме и да видиме што ќе се случи. Колку што знам, не е донесена одлука и можеме само да се надеваме на најдоброто за Енди“, изјави за BBC во неделата тренерот на британската селекција во Дејвис купот и блискиот пријател на Мареј, Леон Смит.

Во своите изјави оваа година, Мареј навести дека ова е негова последна сезона во неговата играчка кариера и дека може да го одигра својот последен меч или на Вимблдон, каде освои две од трите Грен слем титули и едно од двете олимписки злата, или на Олимписките игри во Париз.