Маричиќ бара фокусирање на реформите и уставните измени

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ присуствуваше во понеделникот на осмата седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на програмата и приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ, на која посочи дека очекува следните месеци сите да се фокусираат на брзо спроведување на реформите и на уставните измени.

„Следниот период нè чека интензивна трансформација на македонското општество, подготовка на Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација, завршување на уставните измени и скрининг процесот“, рече Маричиќ.

Додаде дека има доволно време и простор успешно да ги завршат уставните измени, за задржување на динамиката на процесот на преговори и избегнување ново вето, овој пат од наш политички фактор, повторно чекање и ставање на државата во ќорсокак и неизвесност.

На почеток вицепремиерот Маричиќ ѝ честиташе на амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, за преземањето на ротирачкото претседавање со Советот на Европската унија и истакна дека од особено значење е посветеноста на Шведска на процесот на европска интеграција и на безбедноста на Западен Балкан и Европа.

„Очигледно е дека војната во Украина поттикна заживување на политиката на проширување на ЕУ. Безбедносната криза потврди дека обединетоста е клучот за стабилност на Европа и регионот, но и покажа дека Северна Македонија е кредибилен и вистински партнер на ЕУ, со 100 отсто усогласеност со европската надворешна политика“, истакна Маричиќ.

Се заблагодари на чешкото претседавање и на амбасадорот Лудва, за историските одлуки кои се направија изминатите шест месеци за иднината на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан, во време на големи предизвици за земјите од ЕУ и за Унијата во целина.

„За време на чешкото претседавање, Северна Македонија после 17 години го направи историскиот чекор на патот кон ЕУ, ги започнавме преговорите со ЕУ. Сега најважно е сите заедно да останеме доследни на нашата стратешка цел, и да обезбедиме продолжување и континуитет на преговорите со ЕУ“, рече Маричиќ

Рече и дека мора да се обединат околу прашањето за европската иднина на земјата и со политички консензус да им се обезбеди на граѓаните стабилност, просперитет, нови можности, европски стандарди и функционирање на државата врз европски принципи и вредности.

„Очекувам сите да се на ниво на својата задача, а најповеќе очекувам од институциите и од Собранието, да преземат одговорност и да покажат проактивност, за брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Северна Македонија да ја внесеме во Европската унија“, истакна вицепремиерот.

На седницата свое обраќање имаше и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, која ги презентираше приоритетите на претседателството, под слоганот „Позелено, побезбедно и послободно“.

Во фокусот на своето претседателство, таа кажа дека шведската Влада ги постави прашањата поврзани со: зачувувањето на европското единство и зајакнувањето на безбедноста, конкурентноста, зелената агенда и енергетската политика и зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото.

Евроамбасадорот Гир во своето обраќање потенцираше дека периодот од сега до редовните избори во 2024 е време за да се „турнат“ реформи чекот понапред и да се направат уставните измени. Тој додаде дека како приоритет останува безбедноста, обединувањето на ЕУ, евроинтеграцијата на Западен Балкан и заедничкиот одговор на предизвиците предизвикани од војната во Украина, потенцирајќи дека ЕУ подготвува нов пакет помош за надминување на последиците од енергетската и економската криза.

Маричиќ потврди дека до 30 јуни годинава, колку што ќе трае шведското претседателство со ЕУ, ќе работат рака под рака со Шведска, бидејќи според него само со единство можеме да придонесеме во напредокот на нашата европска иднина и иднината на Европа.

„Убеден сум дека ќе успееме овие шест месеци да ги искористиме за напредок и интензивирање на реформите, а за време на шпанското претседателство, да го осигураме процесот на преговори со ЕУ и европската иднина на земјата“, нагласи Маричиќ, истакнувајќи дека со тоа земјата влегува во следната фаза на евроинтеграциите и ќе ја одржи втората Меѓувладина седница со ЕУ.