Истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера почнаа со првично разгледување на документација за модуларната болница во Тетово добиена од Бирото за јавни набавки и од Министерството за труд и социјална политика. Власта, од своја страна, порача дека воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, нагласувајќи дека очекува брза и успешна истрага за целиот случај.
Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска вчера информира дека истражителите почнале со разгледување на документацијата, но нагласи дека засега нема никакви поконкретни сознанија.
Таа потенцира дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е надлежно само во делот на јавната набавка и само ќе се проверува дали се испочитувани процедурите.
– Само тоа е наша надлежност, друго не, потенцира Русковска.
Таа повтори дека ЈО нема информации кој направил технички прием на болницата, додавајќи дека ја добиле техничката спецификација на англиски јазик и веднаш ја испратиле во Обвинителството во Тетово за да можат со неа да се запознаат експертите од Германија.
Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека власта воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.
– Да сакаше да се меша, немаше да повика германски истражители од највисок ранг, кои што треба да ги испитаат сите околности, изјави Маричиќ, посочувајќи дека сите институции им се ставени на располагање на германските истражители за да помогнат во истрагата.
Тој нагласи дека сите документи се предадени на надлежните институции и се обезбедени сите предуслови за брза и успешна истрага.
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, вчера повтори дека не бега од одговорност за целиот случај. Тој нагласи дека модуларната болница била пуштена во употреба откако надлежните потврдиле дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата.
Филипче потенцира дека модуларните болници се концептот што го користи цел свет, зашто овозможиле да се хоспитализираат сите ковид-пациенти и дека и сега има огромен број пациенти кои се лекуваат во ваквите објекти.
– Модуларните болници се модел без кој ниту една земја не ќе можеше да ја менаџира кризата. Направивме 700 болнички кревети за помалку од два месеца. Алтернатива на тоа ќе беше италијанското сценарио – луѓето да нема каде да се сместат и да не може да им се помогне. Во ситуација на пандемија само модуларна болница е решение. За модуларната болница во Тетово не известија дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата. Сите потврдија дека се е во најдобар ред, рече Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера одново побара одговорност и оставки поради пожарот во тетовската модуларна болница. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски оцени дека „одбивањето на оставки во Владата“ значи дека таа „нема морал и не чувствува одговорност“.
– ВМРО-ДПМНЕ не бара одговорност од Владата поради политичка малициозност или затоа што има лични мотиви против Заев или Венко Филипче, туку поради тоа што се неспособни, но и поради објективна истрага која мора да ја има, истакна Мисајловски.
Во пожарот во модуларната болница во Тетово, што се случи на 8 септември, починаа 14 лица, а 12 други беа повредни. За целиот случај во тек е истрага што се спроведува со поддршка на експерти од германската Криминалистичка полиција, кои од четвртокот се на терен.