Маричиќ ќе обучува новинари да шират ЕУ-оптимизам

Денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја отвори обуката за новинари, во рамки на проектот наменет за подготовка за сеопфатно и информирано покривање на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, на која истакна дека медиумите имаат моќ и потенцијал добро да ги подготват граѓаните за промените кои доаѓаат и во текот на преговорите, но и со самото членство во Унијата.

– Европската интеграција во моментов е најголемиот македонски проект, кој треба да биде успешна приказна. Затоа неопходно е екипирање на општеството околу оваа државничка задача, препознавање на важноста и тежината фазата во која влегуваме од евроинтеграциите и најважната работа, приближување на процесот на преговори до јавноста, рече пред новинарите Маричиќ.

Главниот преговарач со ЕУ рече дека процесот ќе биде полесен ако заеднички се бориме против лажните вести поврзани со пристапните преговори со ЕУ.

Во време на дезинформации и на силна анти ЕУ пропаганда, вистински предизвик е да им обезбедиме на граѓаните точни и квалитетни информации, за да можат да носат одлуки базирани врз точни информации, рече Маричиќ пред новинарите потенцирајќи дека Владата ги смета медиумите за партнер во процесот на преговори и дека со оглед на важноста на европската перспектива на земјата, за целото македонско општество, нивната соработка ќе стане уште поблиска.

На обуката свое воведно излагање имаше и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која рече дека патот до полноправно членство во ЕУ е доста сложен и како таков бара многу труд, посветеност, ресурси, но и поширока кохезија меѓу сите општествени чинители, како што се медиумите, граѓанскиот сектор, академската заедница, бизнис заедницата, итн.

– На овој пат сите сме еднакви и сечиј придонес е неопходен за постигнување на целта што ние како држава си ја поставивме пред себе, а тоа е полноправно членство на Македонија во ЕУ до 2030 година, истакна Дрита Абдиу Халили.

Благодарност до донаторите изрази вицепремиерот Маричиќ за поддршка од Амбасадата на Шведска, која преку проектот „Нордиска поддршка за напредокот на Македонија“ континуирано ја дава на Секретаријатот за европски прашања во дефинирањето на техничката помош потребна за преговорите за членство во ЕУ.

Свои обраќања на обуката имаа и Микаел Атерхог – раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Скопје, меѓународните експерти ангажирани од страна на УНОПС за поддршка на процесот за членство на Република Македонија во ЕУ, Владимир Дробњак и Владимир Ателјевич, како и државниот советник Драган Тилев и Христина Конеска-Бероска.

Обуката, организирана од УНОПС а поддржана од проектот „Нордиска поддршка за напредокот на Македонија“, има за цел да поддржи и иницира поголема соработка меѓу владата и медиумите за важноста на интеграцијата во ЕУ како стратешка цел на нашата земја од осамостојувањето.

Освен денешната обука проектот предвидува тридневна посета на новинарите во Брисел, за одблиску да се запознаат со текот на целиот процес и да го проследат објаснувачкиот скрининг состанок со Европската Комисија од 15 до 17 март, за поглавјата од Кластер 4, „Зелена агедна и одржлива поврзаност“.