Партиите да не се плашат и да номинираат свои претставници во работната група која ќе работи на уставните измени, повторно во петокот вицепремиерот Бојан Маричиќ ги повика партиите да учествуваат во процесот, со кој Бугарите треба да влезат во Уставот, услов без кој Македонија нема да може да отвора поглавја во преговорите со Европската унија.
Маричиќ не откри кој е експертот кој ќе го предложи Секретаријатот за европски прашања во работната група, но вели дека обврската ќе ја исполни до понеделник.
Тоа е и рокот што го даде Министерството за правда до институцииите и партиите да номинираат свои членови во работната група.
„Во Министерството за правда пристигнуваат предлози од парламентарните партии за членови на работната група која ќе ги подготвува уставните измени. Официјални покани се испратени и до експертите. Дел од нив веќе го потврдија своето учество. Рокот за номинирање истекува на 10 април. Очекувањата се работната група да започне со работа во средината на месецот“ – соопшти Министерството за правда.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да учествува во работната група.
За партијата прифатлива е промена на преамбулата по хрватски модел, нешто што претходно власта го промовираше како позитивен пример за промена на Уставот велејќи дека во хрватскиот устав се спомнати 23 малцинства, вклучувајќи го и македонското.
Експертите по уставно право се скептични околу целиот процес затоа што сметаат дека за уставните измени прво треба да има политички консензус, а потоа да се разговара за конкретни решенија. Сега како што се поставени работите, без консензус од сите политички партии сите предлози може да пропаднат.
До сега, само претседателот Пендаровски кажа дека професорот Александар Спасов ќе биде претставник од Кабинетот во работната група.
Свои членови треба да номинираат и Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни и парламентарните политички партии.