Маричиќ го најави првиот состанок на работната група и формулацијата на уставните измени по Велигден

Работната група на Министерството за правда за уставните измени, со кои бугарската и другите помали заедници треба да бидат вметнати во Преамбулата на највисокиот правен акт во државата, првиот состанок ќе го има по велигденските празници и ќе почне со формулирање на предлозите за измените за кои потоа ќе се отвори јавна дискусија.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Студио 10“ на ТВ 24, при што посочи оти очекува сите да се постават одговорно и на ниво на задачата во овој процес.

Министерството за правда вчера го објави составот на работната група, со членовите предложени од партиите и институциите, додека експертите кои ќе бидат дел од ова тело, според најавите, треба да бидат познати до крајот на неделата. Во работната група ќе седнат само претставници од партиите кои се дел од власта, додека ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии одбија да се вклучат во процесот.

„Ја користиме комплетната временска рамка што ја имаме и тргнуваме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно и на ниво на задачата и државнички во овој процес. Министерството за правда ги покани и партиите и експертите да номинираат свои претставници. Најголем дел го сторија тоа. Веднаш по празниците ќе има состанување и формулација на предлозите за уставни измени. По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието“, изјави Маричиќ.

За впечатокот дека процесот на уставни измени се „тера на мускули“, според вицепремиерот Маричиќ, тоа е кај оној дел од јавноста која се надевала дека оваа обврска од преговарачкиот процес со Европската Унија ќе исчезне или ќе се реализира подоцна. Тој посочи дека целта е да не се губи време бидејќи преговорите се веќе почнати и скрининг-процесот со ЕУ е во тек.

Досегашното искуство, посочи Маричиќ, покажало дека ако ваквите обврски се остават на чекање, со текот на времето тие стануваат потешки, а не полесни.

„Притоа мора да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредено прашања во регионот. Затоа има притисок и за решавање на проблемот со Косово и состојбата во Црна Гора. Следната година е изборна и во ЕУ на која ќе ѝ бидат потребни шест месеци за распоредување на новите европски институции“, рече Маричиќ.

Во работната група, истакна тој, треба да се разговара како рационално и најразумно да „ги предложиме уставните измени за кои можеме да добиеме пакет од 80 пратеници“, односно двотретинско мнозинство во Собранието за нивно изгласување.

Вицепремиерот за европски прашања е оптимист дека тоа може да се постигне, доколку се држиме фокусирани на обврските од преговарачката рамка и од францускиот предлог.

Во однос на барањата што доаѓаат од дел од партиите, покрај вметнувањето на Бугарите, со уставните измени да бидат опфатени и други прашања, Маричиќ вели дека тоа е легитимно, но негов став е дека во моментов фокусот треба да остане на обезбедувањето на двотретинско мнозинство за додавање во Преамбулата на делови од црногорскиот, хрватскиот и бугарскиот народ.

Тој повторно изрази жалење што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја пропуштила можноста да учествува во ваков, како што рече, клучен процес, идентично како што го пропуштија процесот за влез на земјава во НАТО.

„Овие уставни измени се во преговарачката рамка и мора да се спроведат. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го смени ставот. Прво бараше гаранции, а сега се крие зад хрватскиот уставен модел. Излегува дека не се проблем Бугарите туку статусот на заедниците кај нас. Излегува дека тие сакаат повеќе да ја свртат дебатата кон тоа дали се малцинства или делови од народи“, рече Маричиќ.

Со додавање на други заедници во Уставот, според Маричиќ, нема да се наруши унитарноста државата.

Маричиќ, во интервјуто вели дека ако не поминат уставните измени во Собранието ќе имаме блокада на преговорите кои се де факто и де јуре започнати. Кога има спорови, тие мора да се решат, истакна тој, споменувајќи го во тој контекст спорот меѓу Хрватска и Словенија за време на хрватските преговори за влез во ЕУ.

„Ќе има многу други работи кои ќе треба да ги смениме, а не се поврзани со идентитетот и слично, а кои ќе бидат болни и тешки, но не од овој аспект. Каква и да биде цената што ќе ја платиме тоа не да биде платено со идентитетот и јазикот“, истакна вицепремиерот за европски прашања.

Инаку, во пресрет на формирањето на работната група за уставните измени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред четири дена потврди дека неговата партија нема да учествува во овој процес оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

Опозициските партии од албанскиот блок, кои не предложија свои претставници во работната група, овие одлуки ги образложија со тоа дека за уставни измени е потребен консензус од сите партиите. Ова е ставот на Алтернатива, кој пред неколку дена го соопшти генералниот секретар на партијата Зекирија Ибрахими. Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, пак, изјави дека тие не се против вметнувањето на Бугарите во Уставот, но оти би ги поддржале ваквите измени доколку заедно со нив биде променета и формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ се замени со „албански јазик“. Идентичен е ставот и фракцијата на ДУИ, предводена од т.н. „огнена група“, од каде што побараа да бидат дел од работната група за уставните измени.