Маричиќ и Буриќ потврдија дека остануваат Скопје и Советот на Европа партнери во зачувувањето на европските вредности и дека делат исти приоритети на полето на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
Пејчиновиќ Буриќ изрази задоволство од средбата со вицепремиерот Маричиќ и очекување дека Владата, како и досега, ќе продолжи со конструктивна соработка со бројни експертски тела на Советот на Европа со цел да придонесе за постигнување на основните цели. Таа смета дека се направени многу крупни чекори и постигнати се конкретни и одржливи резултати преку реализацијата на европската агенда.
Маричиќ накратко ја информираше Пејчиновиќ Буриќ за приоритетите во процесот за приближување кон европските стандарди за претстојниот период и во тој контекст заеднички ги разгледаа можностите за унапредување на соработката со Советот на Европа во спроведување на нови проекти за поддршка на реформите кои се предвидени од страна на Владата.
Двајцата се согласија дека Македонија ги исполнува сите услови за почеток на преговорите, што се потврдува и во Извештајот за напредокот од страна на Европската комисија, но и во меѓународни извештаи како Транспаренси Интернешнал, Фридом хаус, ГРЕКО и други, како и дека е од интерес и на земјата и на Унијата да се отстранат сите пречки за отпочнување на пристапните преговори.
Соговорниците разменија мислења за актуелната ситуација во Украина, а Пејчиновиќ Буриќ го информираше вицепремиерот Маричиќ за активностите што ги презема Советот на Европа во оваа прилика. Во таа насока Маричиќ истакна дека сега повеќе од кога било е значајно да се заврши обединувањето на континентот, да се зајакне самата Унија од внатре и да стане поотпорна од можни сегашни и идни закани.