Маричиќ: Очигледна е европската перспектива на регионот, да го продолжиме процесот заедно со земјите кои преговараат со ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел оствари средба со Сајмон Мордју, советникот за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, на која разговараа за европската перспектива на Македонија и регионот, во услови на новата геополитичка реалност.

„Имаме иста желба и цел, наскоро Северна Македонија да ја видиме во рамките на ЕУ. Вратата на ЕУ е отворена, задачите кои ги имаме мора да ги исполниме и да продолжиме со земјите кои преговаат со ЕУ на патот кон членство во Унијата“, рече Маричиќ.

Соговорниците се согласија дека оваа година Македонија треба успешно да заврши дел од обврските кон ЕУ и да го отвори првиот кластер „Фундаментални вредности”.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ на состанокот посочи дека македонската Влада е свесна за предизвиците и дека е подготвена да работи на нивно надминување и на европските реформи.

Мордју посочи дека постои позитивно расположение кај Европската унија за проширување и дека тоа е шанса за регионот и Македонија сега да ја обезбеди очигледната европска перспектива, за што потребни се брзи резултати, а не само декларативна посветеност на европската интеграција.

Маричиќ и Мордју изразија верување дека ќе се задржи динамиката на процесот на преговори со ЕУ и ќе добие континуитет, поради што вицепремиерот смета дека „на овој процес треба да гледаме како на одлична можност побрзо да ги совладаме европските правила кои ќе нè направат членка на ЕУ”.

Во рамки на својата работна посета во Брисел вицепремиерот Маричиќ и македонската делегација се сретна и со вршителката на должност директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела, со која одржаа координативен состанок во врска со текот на преговарачкиот процес и идните чекори кои треба да се направат до завршувањето на скрининг процесот.

Маричиќ истакна дека ја цениме поддршката од европските институции во процесот на преговори и дека силен фокус е ставен на следен напредок кон ЕУ, со верување дека како што вели тој „ќе успееме оваа година да отвориме важни политички поглавја”.

На средбата беше разговаравме и за сеопфатните актуелни реформи што ги спроведува земјата во областите како што се владеењето на правото, демократските институции и реформата на јавната администрација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.