![bojan maricic](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/02/IMG-6821-960x640.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
До 15пти септември на министерствата и другите институции ќе им се објасни точната улога во скринингот кој претставува формална и техничка операција што ја врши Европската комисија со цел да се подготват преговорите за членство. Паралелно со скринингот треба да се работи и на уставните измени, исткана вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за телевизијата Алсат емитувано во неделата.
Маричиќ појасни дека станува збор за „финиширање на преговарачката структура со сите потребни акти и назначувања“ и дека има „добри шанси“ земата да ги комплетира уставните измени кои се бараат според преговорите со Софија.
„Мислам дека до завршувањето на скринингот има добри шанси да ги комплетираме уставните измени со едноставно прашање до секој пратеник, бидејќи ова е дилема која ќе се исправи пред секој пратеник: Дали сте за членство на Северна Македонија во ЕУ или не? Ова е суштинското прашање на кое треба да се одговори“, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека според Владата, содржината на уставните измени не е проблематична, појаснувајќи дека се работи за нешто што веќе го имаме во Уставот и додавањето на уште неколку заедници, меѓу кои и бугарската, не го гледаат како суштински проблем. Напротив, според Маричиќ, само може да го збогати нашиот Устав и нашето општествено милје.
„Ние веќе од 1991, од независноста, сме се определиле и за ЕУ и за НАТО, веќе сме членка на НАТО и исцртан ни е патот кон ЕУ. Ги почнавме преговорите, дали успешно ќе ги продолжиме и завршиме зависи само од нас. Затоа е битно ова секој пратеник да го има предвид кога ќе ја носи одлуката„, рече Маричиќ.
Во интервјуто го објаснува и процесот на скрининг кој, според веќе презентираниот календар, започнува на 15-ти септември, а до крајот на овој месец ќе ја претстави преговарачката структура.
„Очекувам до крајот на овој месец да ја претставам преговарачката структура, потоа во еден интензивен период до 15 септември на сите министерства, на сите институции им објасниме точно која е нивната улога во скринингот и од 15 септември натаму да започнеме со тој процес. Ќе биде многу интензивно, секое поглавје ќе трае неколку дена, зависно од тоа колку е обемно. Важно ќе биде сите со внимание да ги следиме презентациите и да учествуваме активно во нив затоа што тоа ќе биде основа за претставување или поставување на критериумите за отворање и затворање на поглавјата натаму„, рече Маричиќ во интервјуто.
Вицепремиерот Маричиќ појаснува дека процесот на скрининг ќе се одвива во две фази и дека започнува на 15-ти септември, а се очекува да трае до ноември 2023 година.
„По завршување на објаснувачкиот скрининг, следува билатералниот скрининг, каде што се вклучени не само Европската Комисија, ние и Албанија, туку и државите членки на ЕУ. Сите тие ќе изнесат свои видувања за нашата усогласеност во сите делови, во сите кластери и поглавја. Тој процес е важен за нашата администрација бидејќи треба да ни ја даде сликата до каде сме со усогласување со европското законодавство, што уште треба да направиме, но и како во пракса да се спроведат полесно и побрзо тие правила“, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот потенцираше дека покрај подготовките за скринингот, паралелно и непречено се работи на превод на европското законодавство и дека и годинава очекува да се држи темпото од минатата година, кога беа преведени преку 17 илјади страници.