Денеска во Минхен, на маргините на Минхенската конференција за безбедност, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски одржаа состанок со премиерката на Естонија, Каја Калас, на кој беше потенцирано дека е особено важно сега Северна Македонија да остани на европскиот пат, а Владата да остани посветена на реформите.
За вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, моделот на функционирање на Естонија и нејзиниот развој се пример за Северна Македонија на патот кон ЕУ, а поддршката и помошта од Естонија е важна и значајна за нас во достигнувањето на европските вредности и стандарди.
Интегрален текст од објавата на вицепремиерот Маричиќ:
„ Развојот на Естонија е пример за Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Во Минхен, на маргините на Минхенската конференција за безбедност, имавме средба и со премиерката на Естонија, Каја Калас, која ни порача дека е особено важно сега Северна Македонија да ја зачуваме на европскиот пат и да останеме посветени на реформите, од кои на крајот од процесот државата и граѓаните добиваат придобивки.
Имаме пријателски билатерални односи со одлична соработка која е во фокусот на евроинграциите, одбраната и безбедноста.
Благодарни сме за поддршката што Естонија ја дава не само на европските аспирации на Северна Македонија, туку и на регионот во целина, поддршка која нѐ носи поблиску до европскиот систем на вредности.
Нашата соработка и експертизата на Естонија во областа на дигиталната трансформација на македонското општество ќе биде од наша голема корист, исто како и во областа на владеење на правото, кој ќе биде клучен предизвик за сите земји од регионот кои имаат аспирации да станат членки на ЕУ“, пишува на Фејсбук профилот на Маричиќ.