Денеска во Вашингтон, на покана на Атлантскиот совет, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ учествуваше на тркалезна маса на која рече дека приоритет на македонската Влада е продолжувањето на европскиот пат и дека уставните измени ќе бидат тест за политичкиот консензус за ЕУ.
Во таа насока вицепремиерот укажа дека нашата држава неколку пати на патот кон ЕУ се наоѓала на крстопат, но секогаш сме знаеле да ја избереме вистинската насока, посочувајќи дека тоа треба да го направиме и сега, кога е видлива активноста на ЕУ на темата проширување. Маричиќ особено ја истакна важноста и потребата ЕУ да даде јасен план за нашата европска перспектива да биде и временски извесна, но и видлива со конкретни проекти од кои бенефит ќе имаат граѓаните.
Маричиќ потенцираше дека нема да се откажеме после 17 години маратон кон Брисел и дека овој политички моментум не смее да се пропушти и побара заеднички да дејствуваат Македонија и нејзините партнери и сојузници, со цел како што кажа тој „да ја ставиме државата во пакетот на проширување и да ја вратиме довербата на граѓаните во Унијата и во нејзиниот кредибилитет“.