Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбите во Атина со високи претставници на ЕУ истакнал дека постои момент на решителност за ново проширување на Европската Унија и дека Македонија не смее да ја пропушти оваа шанса и повторно да чека.
– Пораката е јасна, државите од Западен Балкан што поскоро да се најдат во Европската Унија. Како никогаш до сега, постои момент и решителност за ново проширување на Европската Унија. Сите се свесни дека Европската Унија, ниту Европа не можат да бидат обединети без секоја држава од Западен Балкан да стане членка во Европската Унија, вели Маричиќ, пренесува во соопштение владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП).
Маричиќ, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски беше во официјална посета на Атина, по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“, во изјавата посочил дека на средбата со домаќинот, грчкиот премиер Мицотакис било потврдено цврстото сојузништво помеѓу Грција и Северна Македонија и дека заложбата е, како што сме заедно во НАТО, така треба да бидеме заедно и во Европската Унија.
На средбите со високи претставници на Европската Унија, се посочува во соопштението, Маричиќ рекол дека биле поздравени уставните амандмани, со повик тој процес успешно да заврши со зрелост, одговорност и поддршка од сите политички партии во Собранието.
– Нашиот пат кон Европската Унија е исцртан и тоа е тоа што граѓаните го сакаат. Наш е изборот, дали ќе ги направиме овие неопходни уставни измени и ќе тргнеме на патот кон Европската Унија и членство до 2030-та година или ќе останеме во чекалната, посочува Маричиќ.
Главниот преговарач со ЕУ Маричиќ, укажува дека чекањето е стратегија што ќе ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта, надежта за подобра и за европска иднина и затоа, како што вели тој, не смееме да дозволиме и не смееме да одиме против волјата на најголем дел од граѓаните Северна Македонија да стане членка на Европската Унија што поскоро.
– Мораме да ја искористиме оваа шанса, и да продолжиме на патот кон брзо членство во Европската Унија. Тоа го сакаме, тоа и го заслужуваме, порачува Маричиќ.
Во рамки на посетата на Атина, вицепремиерот Маричиќ и премиерот Димитар Ковачевски, оствариле билатерални средби и со Маја Синду, претседателката на Молдавија и со претседателот на Украина, Зеленски.