Маричиќ: ВМРО-ДПМНЕ бега од одговорноста и на штета на државата ја пропушта можноста да учествува во процесот на уставни измени


Ние немаме луксуз да губиме време, сме ги започнале преговорите, скринигот тече и досегашното искуство низ времето ни говори дека ваквите обврски, ако ги оставаме стануваат потешки, а не полесни, истакна при гостувањето во емисијата „Студио 10″ на ТВ 24 секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ, во врска со уставните измени.

Маричиќ додаде дека со работната група со еден позитивен пристап треба да се дискутира како најбрзо, наједноставно и најразумно да се постават уставните измени за да се дојде до 80 пратеника, за додавање во преамбулата на дел од бугарскиот, црногорскиот и хрватскиот народ.

„Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ ја пропушта можноста да учествува во ваков клучен процес, како што ја пропуштија за влезот во НАТО. Овие уставни измени се во преговарачката рамка и мора да се спроведат. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го смени ставот. Прво бараше гаранции, а сега се крие зад хрватскиот уставен модел. Излегува дека не се проблем Бугарите туку статусот на заедниците кај нас“, нагласи Маричиќ.

„Оваа обврска нема да исчезне, туку може само да ја зајакне позицијата на Бугарија дека ова е услов кој што мора да се направи. Одговорност е на секој пратеник. Не е можно да одиме понатаму ако не направиме измени во Уставот како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа и самите го знаат. Борел им рече јасно дека нема начин да се ревидира овој предлог и дека може само да стагнираме и потоа да почнеме од полоши стартни позиции како што беше случајот со преговорите со Грција кои резултираа со наше влегување во НАТО“, рече Маричиќ.

Истакна дека добро се познати нивните решенија, имаа решение за спорот со името што траеше 11 години и никогаш не се случи, се знае и кое им е решението сега, кое нема никаква врска со реалноста.

„Жал ми што се замајува народот со тврдења што ги кажа Николоски, кои можат да подгреат лажни надежи дека можеме да одиме напред во процесот со ЕУ дури без уставните измени, тоа не можно, не е коректно да се лажат граѓаните“, нагласи Маричиќ, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ „сака да избега од одговорноста, исто како што бегаше и претходно од спорот од Грција, 10 години одеа со тезата дека мора да има референдум за името, а кога имаше референдум го бојкотираа“.