Министерот за правда, Бојан Маричиќ престојува во неколкудневна работна посета на Брисел. Предвидени се средби со еврокомесари и европратеници на кои ќе се разговара за реформските процеси во земјава, европските реформи со фокус на оние во ресорот правда.
Како што соопштија Министерството за правда, за време на посетата е предвидено Маричиќ да се сретне со потпретседателката на Европската комисија за транспарентност и вредности Вера Јурова, европратениците Андреас Шидер, Тања Фајон, Јуан Фернандо, Желјана Зовко, Катарина Барли, Ирена Јовева и Владимир Биличиќ.
Дополнително предвидена е средба со известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук.
Министерот Маричиќ во Брисел ќе учествува и на видео настан во организација на Центарот за европска политика (ЕПЦ) каде ќе зборува за европските перспективи на Македонија и владеењето на правото, стои во соопштението на Министерството за правда.