-Мостовските конструкции се специфични и се изложени на многу сурови услови. Затоа во прописите на сите земји е наведено дека треба на најмалку пет години да се вршат редовни контроли на сите мостовски конструкции за да се спречат катастрофи, вели професорот од Градежниот факултет Горан Марковски во СТУДИО 10 на ТВ 24.
– Ова мора да се почитува и да се практикува за да не се случуваат немили настани. Во градот имаме мостови кои се безмалку 100 години стари и треба да се однесуваме со внимание оти тие се битни и се дел од крвотокот на градот, вели Марковски.
Тој вели дека нема доволно информации за состојбата на мостовите оти не биле повикани да извршат инспекции.
– Не сакам да ширам паника но мостот „Обединети нации“ од едниот крак е во прилично лоша состојба и треба итно да се санира. Мостот „Гоце Делчев“ исто така треба да се одржува внимателно, тој е проблематичен уште откако е пуштен во употреба оти се откриени извесни деформации. За тоа не се потребни големи средства, а добивката би била голема со оглед на значењето на овој мост за сообраќајот во градот, вели Марковски.
Професорот е на мислење дека едниот крак од мостот „Обединети нации“ треба да се урне, но претходно треба да се направи паралелен мост според современи стандарди. Во тој случај, вели Марковски, сообрачајот би бил пренасочен само неколку дена додека се урива стариот мост.
– Со новите технологии и со добра организација и проект верувам дека за околу една година може да се направи мост. Но, инженерски предизвик би било градењето нов мост кај Влае кој откако ќе се урне стариот ќе се помести, вели професорот Марковски.