Марокански тенисер казнет за местење 135 натпревари

Поранешниот марокански тенисер, 36-годишниот Јунес Рачиди доби доживотна забрана за секакво занимавање во тенисот, откако беше прогласен за виновен за местење на 135 натпревари, објави Меѓународната агенција за тениски интегритет (ITIA).

Ова е најголемиот број прекршувања од еден тенисер што досега го открила Единицата за интегритет на тенисот.

Рачиди бил вклучен во лажирање натпревари со уште двајца алжирски играчи кои неодамна беа казнети од ITIA, а случаите беа откриени по истрагата на органите на прогонот во соработка со ITIA во Белгија.

На Мароканецот му е трајно забрането да игра, да тренира или да присуствува на кој и да е тениски настан одобрен од управните органи на тенисот. Тој е казнет и со 34.000 американски долари.

„За случајот пресуди независната службеничка за сослушување против корупцијата, Жени Соблие, којашто сите обвинувања ги сметаше за докажани“, се вели во соопштението на ITIA.

Рачиди својата највисока АТП позиција ја имаше во двојки, во ноември 2013 година беше на 473-то место, додека во „сингл“ најмногу дотурка до 753-то место во октомври 2013 година.