На Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, 17-ти декември, во Скопје, сексуалните работници и работнички, здружени во СТАР – Прв Колектив на сексуални работници на Балканот и нивните поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини, го одржаа четиринаесетиот по ред Марш на црвените чадори.
„Црвената е боја на убавината, а чадорот е глобален симбол на сексуалната работа кој ја симболизира заштитата од надворешни влијанија“ велат организаторите на настанот.
На почетокот од Маршот, претставничката на сексуалните работнички рече дека сексуалната работа сè уште не е правно регулирана и се бара итна декриминализација .
„Тука сме за да ги прашаме носителите и спроведувачите на законите – Декриминализација, кога?, бидејќи не можеме да пристапиме до здравствени, социјални и правни услуги и заштита. Декриминализацијата значи поголема веројатност сексуалните работници да живеат без стигматизација, социјална исклучивост и страв од насилство. Сексуалната работа сè уште не е правно регулирана, а вршењето дејност поврзано со сексуална работа се смета за нарушување на јавниот ред и мир. Се соочуваме и со висок степен на насилство,. Бараме итна и неодложна декриминализација, оти тоа го ограничува полициското насилство и злоупотреба“, рече претставничката на секусуалните работнички.
Маршот, традиционално започна во 12 часот, од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на ул. Македонија и заврши на плоштад „Филип II“.