Денеска, на 1. Март се прави и подарува Мартинка, висулец од засукани конци кој се дава за среќа.
Мартинката претставува засукан бел и црвен конец, најчестo волнен. Боите имаат строго определена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа.
Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.
Мартинките се носаат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен. Ако после еден месец под каменот има мравки, годината ќе биде бериќетна.
-Секој оној што на својата рака ќе стави или на својата облека ќе закачи таканаречена „мартинка“ (нешто како нараквица направена од црвен и од бел конец) за здравје и за среќа, да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни. Не може истовремено да веруваме и во Бог и во мартинка, смета Црквата.
Верата и суеверието немаат ништо заедничко, исто како што и Бог нема ништо заедничко со ѓаволот. А на два господара не можеме да им служиме, или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи. И секое друго суеверие, спротивно на православната вера, не е од Бога.
Носењето мартинка е суеверен и магиски обичај, а со тоа и демонски обичај, затоа што луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сè до доаѓањето на пролетта и доаѓањето на ластовичките (или штрковите) и сè додека да расцути првото дрво. Потоа, според истото погрешно верување, мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите ќе им се исполнат. Вадењето на мартинката, пред време, се смета за несреќа и затоа луѓето ја чуваат со страв. Таквото верување нема никава врска со православната вера, туку е обично суеверие. Ние христијаните си носиме на рака или во рака бројаничка, украсена со крвче, која ни служи за молитва.
Христијанската среќа и здравје не доаѓаат на некој автоматски, безличен и лесен магиски начин со некакво просто чинење или нечинење на нешто – без личен подвиг и саможртва (како што ѓаволот ги подучил Ева и Адам во рајот: само ако вкусите од плодот на познанието на доброто и злото ќе бидете како богови – види 1. Мој. 3, 4-5), туку единствено со слободен подвиг во градење на личен однос со Бог, преку очистување на срцето од страстите, преку љубовно исполнување на Божјите заповеди и преку смирено учество во Светите Тајни на Црквата; на кој, подвиг, Бог лично, слободно и љубовно одговара во одредено спасително време за секој од нас.
Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од безлично, фобично и душегубно суеверие.