Големо разочарување поради непријатната елиминација во 1/4 финалната рунда од Лигата на шампиони можеше да се забележи и во изјавата на актуелниот предводник на Барселона, Херардо Тата Мартино.
Искусниот стручњак побара од своите фудбалери веднаш да ја заборават елиминацијата од Атлетико Мадрид и да се фокусираат на првенствените натпревари од Примера дивизион и на финалниот натпревар од Купот на Шпанија.
“Секој резултат е со причина. Атлетико Мадрид постигна погодок во тие моменти кога беше подобар противник. Ние не ги искористивме шансите кои ги имавме пред противничкиот гол, а се што требаше да направиме е да постигнеме еден погодок. Ако израмневме, сигурно натпреварот ќе добиеше сосема поинаков тек. Немав одговор за високиот пресинг, не нападнаа во нашиот казнен простор. Атлетико Мадрид одигра многу добро, а ние немавме многу простор за игра. Нема место за тага, мора веднаш да ја заборавиме оваа елиминација и да се фокусираме на првенствените натпревари и на финалниот натпревар од Купот на Шпанија”, изјави Мартино.