Видно потресен поради тешката повреда на првиот голман Виктор Валдез кој ги скина лигаментите во десното колено, предводникот на каталонскиот гигант Барселона, Херардо Тата Мартино, по натпреварот против Селта Виго изјави дека шампионот на Шпанија нема да ангажира нов голман до крајот на актуелната сезона.
„Нема да купиме нов голман до крајот на актуелната сезона. Ќе купиме само ако се случи нешто непредвидливо. Валдез повторно немаше среќа, нема среќа цела сезона. Повторно ги скина лигаментите во коленото. Бев убеден дека нема да му се повтори оваа ситуација, дека нема повторно да се повреди до крајот на актуелната сезона. За жал, јас не бев во право. Ова е тежок удар за Виктор, но и за Барселона. Тешко дека ќе го заборавиме овој немил настан, но мора да продолжиме со големата борба. Барселона е институција во фудбалскиот свет и ние немаме право на некаков изговор, на некакво алиби. Сега имаме обврска да се бориме уште повеќе”, изјави Мартино.