Маск го раскинува договорот со Twitter вреден 44 милијарди долари

Извршниот директор на американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ и на компанијата за вселенски повеќекратни летала и истражувања „SpaceX“, јужноафриканскиот претприемач Илон Маск, најави во петокот по американско време дека го раскинува договорот со компанијата „Twitter Inc.“ во износ од 44 милијарди американски долари, поради материјално кршење на повеќе одредби од договорот.

Како што е наведено во објавениот документ, Маск известил „Twitter Inc.“ и го остварува своето право да го „раскине договорот за спојување и да се повлече од трансакцијата предвидена со него“. Дописот е формално известување потенцираат застапниците на милијардерот.

„… Маск им причина да верува дека вистинскиот број лажни или спам акаунти на Twitter е значително поголем од пријавениот од социјалната мрежа – ‘помалку од пет проценти’“, се вели во дописот.

Незадоволството на претприемачот било предизвикано и од кадровската политика на компанијата, неодамнешните отпуштања и одлуката да се прекинат натамошните вработувања, додаваат неговите застапници.

Се известува и дека раководството на платформата го довело Маск во заблуда при склучувањето на зделката а подоцна од Twitter „не успеале или се откажале да ги дадат информации“. Застапниците на бизнисменот прецизираат дека социјалната мрежа не дала ниту информации за процесот на проверка на лажните и спам сметки, блокирајќи ги. Покрај тоа, Маск не е задоволен и од обезбедените материјали за финансиската состојба на компанијата, се додава во дописот.

Со тоа завршува повеќемесечната сака дали еден од најбогатите луѓе на планетата ќе ja преземе социјалната мрежа за микроблогирање Twitter, откако во април годинава склучи договор и потоа откупот го стави на чекање додека компанијата не докаже дека ткн „спам роботи“ сочинуваат помалку од 5 отсто од вкупниот број корисници.

Според оваа објава на Маск, социјалната мрежа го потценила бројот на лажни и спам акаунти, тврдејќи дека нивниот вкупен број не надминува 5 отсто од корисниците.

Веднаш по објавата на информацијата за повлекувањето на Маск од зделката, акциите на Twitter паднаа за 6 отсто во продолжението на тргувањето на Волстрит во петокот по американско време, извести Reuters.

Набрзо се огласија и од „Twitter Inc.“ со објава дека ќе го тужат Маск за да го натера да ја презема социјалната мрежа.

„Одборот на директори на Twitter Inc е посветен на затворањето на договорот по цената и условите договорени со Маск и планира да преземе правни мерки за да го осигури договорот за спојување. Уверени сме дека ќе победиме пред судот во Делавер“, наведе Брет Тејлор претседател на одборот на директори на компанијата.