Маск и инвеститори нудат 97,4 милијарди долари за „OpenAI“

Конзорциум инвеститори предводен од милијардерот Илон Маск понуди 97,4 милијарди долари за купување на непрофитната компанија која го контролира стартапот за вештачка интелигенција „OpenAI“, објави во понеделникот деловниот весник The Wall Street Journal (WSJ).

Оваа понуда дополнително го интензивира долгогодишниот конфликт меѓу извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман и Илон Маск околу иднината на стартапот.

Според извештајот, адвокатот на Маск, Марк Тоберофф ја доставил понудата до одборот на директори на „OpenAI„ во понеделникот.

Од „OpenAI“, како и Маск и Тобероф, и од „Microsoft“, еден од главните инвеститори на „OpenAI“, сè уште не одговориле на барањата на Reuters за коментар.

Според WSJ, понудата е поддржана од компанијата на Маск „xAI“, која би можела да се спои со „OpenAI“ доколку се постигне договор.

Маск го коосноваше OpenAI со Алтман во 2015 година, но ја напушти компанијата пред да стане глобално препознатлива. Тој подоцна го основаше конкурентскиот стартап „xAI“, во 2023 година.

„OpenAI“ моментално се обидува да премине од непрофитен во профитен бизнис модел, за кој тврди дека е неопходен за да се обезбеди капитал потребен за развој на најнапредните модели на вештачка интелигенција.