Маск со коментар за помилувањето на Хантер Бајден: Законот очигледно не е ист за сите, некои се над него

Американскиот милијардер и сопственик на социјалната мрежа „Х“, и иден шеф на Одделот за владина ефикасност во новата администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Илон Маск реагираше на веста дека актуелниот претседател Џо Бајден сепак одлучил да го помилува неговиот син Хантер во случаите што против него беа поднесени пред американското правосудство.

Имено, додека се уште беше во трка за втор мандат, претседателот Бајден на социјалната мрежа на Маск, во времето кога се водеа постапки против неговиот син, а подоцна и новоизбран претседател Трамп, тврдеше дека „никој не е над законот“, јасно алудирајќи дека законот исто важи и за неговиот син како и за претседателот Трамп.

Сепак, нешто повеќе од еден месец пред официјално да му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Трамп, Бајден одлучи да го помилува својот син во постапката за затајување данок и нелегално поседување оружје, анализираат медиумите.

Маск објави скриншот од твитот на Бајден од мај оваа година, со коментар дека „белешките на заедницата кинат“, повикувајќи се на белешка од членовите на мрежата „Х“, кои го поврзаа твитот на претседателот Бајден со веста на „AP News“ за помилувањето на Хантер Бајден, со опис:

„Простувајќи му на својот син Хантер, не само за едно злосторство, туку и за сите реални и потенцијални злосторства што можеби или не ги направил во изминатите 11 години, Џо Бајден јасно стави до знаење дека некои луѓе се, всушност, над закон“.

Твитот на Маск досега собра повеќе од 5,7 милиони прегледи на интернет.