Растот на акцијата на Tesla го направи Маск најбогатиот човек на планетата

(AP Photo/Paul Sancya)

Американскиот претприемач, основач и извршен директор на компаниите „Tesla“ и „SpaceX“, Илон Маск, стана најбогатиот човек на светот, а неговото богатство надминува 185 милијарди американски долари со што го надмина челникот на најголемата онлајн-продавница „Amazon“, Џеф Безос, процени во четвртокот телевизиската мрежа CNBC.

Според процените на експертите, во моментова сопственоста на Маск е проценета на милијарда долари повеќе од сопственоста на Безос, кој на челната позиција на листата најбогати луѓе на планетата е од 2017 година.

Меѓутоа, како што се истакнува во информацијата, тргувањето на берзите во САД сѐ уште трае во четврокот, а конечниот биланс ќе биде познат по неколку часа кога ќе биде затворено денешното тргување со акциите.

Маск го презема водството благодарејќи на скокот на цената на акцијата на „Tesla“. Вредноста на компанијата за производство на електрични автомобили порасна оваа година и во средата првпат достигна пазарна вредност од 700 милијарди долари. Со тоа, „Tesla“ стана поскапа компанија од етаблираните производители на автомобили „Toyotа“, „Volkswagen“, „Hyundai“, GM и „Ford“ заедно.

На веста дека станал најбогатиот човек на светот, Маск на Twitter кусо напиша „Чудно чувство“. Во еден претходен твит, пак, објави: „Речиси половината од моите пари се наменети за решавање на проблемите на Земјата, а половината за подигнување на самоодржливиот град на Марс за да се осигури продолжување на животот доколку Земјата ја погоди метеор како во периодот на диносаурусите или да избувне третата светска војна па самите себеси да се уништиме“.

На листата на Bloomberg на најбогатите луѓе во светот, Маск сепак и во четвртокот беше рангиран на второто место, но според податоците од средата. Неговото богаство е проценето на 181 милијарда долари, зад Безос кој и во средата „тежеше“ 184 милијарди долари. На крајот од ноември 2020 година, Маск се проби на второто место на ова рангирање, пред основачот на технолошкиот гигант „Microsoft“, Бил Гејтс.

Во текот на последните 13 месеци, богатството на Маск се зголеми за повеќе од 100 милијарди долари. Во јануари 2020 година, тој беше рангиран дури на 35-то место. Главната прочина за ваквиот скок е растот на капитализациската пазарната вредност на компанијата „Tesla“ којашто во јануари 2020 година се проценуваше на помалку од 100 милијарди долари, а во моментов во четвртокот вечерта на 7-ми јануари 2021 година се проценува на околу 750 милијарди долари.

Компанијата „Tesla“ Маск ја основаше во 2003 година. Првично компанијата беше специјализирана за производство на електрични возила, но подоцна почна да развива батериски системи за долгорочни сладирања на електрична енергија.