Масовен кибернетички напад погоди стотина земји

Масовен кибернетички напад изведен со таканаречен уценувачки софтвер  (ransomware) во петокот погоди компјутерски мрежи и јавни институции во речиси стотина земји.

Уценувачкиот софтвер го блокира пристапот до компјутерскиот систем и потоа бара пари за да го одблокира, а според чешката компанија „Avast“ која се занимава со кибернетичка безбедност забележани се 75.000 напади со оваа штетна програма во 99 земји, Најтешко погодени се Русија, Украина и Тајван, оценуваат во компанијата.

„Станува збор за меѓународен напад и погоден е голем број земји и организации“, изјави британската премиерка Тереза Меј.

Во Велика Британија нападнати се најмалку 16 организации на британската Национална здравствена служба (NHS), вклучително и неколку болници во Лондон и во други делови од Англија и Шкотска.

Според сликата на екранот од погодените компјутери на NHS, напаѓачите барале исплата од 300 долари во дигиталната валута биткоин во рок од три дена за повторно да овозможат пристап до критпираните датотеки.

Неколку компјутерски системи на NHS, вклучително и телефони, биле блокирани, што ги принудило болниците ширум Англија да ги пренасочуваат сите итни случаи, да откажат бројни закажани прегледи, а пациентите да ги повикаат во болниците да доаѓаат само доколку станува збор за итни случаи.

Лекарите и медицинскиот персонал користеле пенкала, хартија и сопствените мобилни телефони за да ги забележат податоците за пациентите, известуваат британските медиуми.

Британската премеирка Меј изјави дека нема докази оти се загрозени податоците за пациентите и објави дека британскиот Национален центар за кибернетичка безбедност му помага на NHS да ги опорави своите системи.

Штетниот софтвер обично се шири преку ранливи компјутерски мрежи, а експертите оценуваат дека не бил специјално насочен против британскиот NHS.

Руското министерство, исто така, потврди дека било изложени на кибернетички напад и наведе дека вирусот ги нападнал компјутерите на министерството со оперативниот систем Windows.

„Околу илјада заразени компјутери, односно помалку од еден отсто од компјутерите на министерството беа блокирани“, изјави портпаролката на министерството, Ирина Волк. Истакна дека серверите на министерството не биле погоден во нападот.

Шпанската влада предупреди претходно во петокот дека голем број компании биле подвргнати под овој кибернетички напад. Меѓу целите на нападот била и компанијата „Telefonica“, најголемата национална телекомуникациска компанија, додека превентивни мерки вовеле енергетските компании „Iberdrola“ и „Gas Natural“.

Северниот шведски округ Тирма, исто така, извести дека бил нападнат. „Погодени се околу 70 компјутери“, изјавил началникот Андреас Стромгрен.

Од округот го контактирале својот оператор за телекомуникациски услуги и се подготвуваат да инсталираат нова верзија на Windows, рекол Стромгрен и додал дека округот Тирма има околу 1.300 службеници, но дека сите немаат лични компјутери. Се чини дека главно се заразени компјутерите на канцелариските службеници и нема знаци дека се погодени системите како оние за снабдување со вода и слични, додава Стромгрен.

Со нападите, меѓу другите, погодени се и телекомуникациските оператори во Португалија и во Аргентина, како и американската поштенско-транспортна компанија „FedEx“.

Се верува дека нападите извршени со уценувачкиот софтвер под називот Wanna Decryptor. Хакерите коишто стојат зад нападот, се користеле со алатки коишто ги развила американската Национална агенција за безбедност (NSA), пишува The New York Times. Тие алатки, наводно, притекле на интернет минатата година, што било многу непријатна ситуација за оваа веќе и претходно критикувана разузнавачка агенција.

Јакуб Круштел од чешката компанија „Avast“, којашто развива безбедносни компјутерски програми, изјавил дека од 19,15 часот во петокот биле регистрирани најмалку 75.000 напади. На блогот на компанијата тој напиша дека првата верзија на овој уценувачки софтвер била детектирана во февруари годинава, како и дека сега софтверот е достапен на 28 јазици, вклучително и бугарски и виетнамски.