Десетици илјади Израелци се собраа во четвртокот во Ерусалим за поддршка на контроверзната судска реформа на екстремно десничарската коалициска влада со која на највисокиот суд во земјата ќе му се одземат многу овластувања.
Со оглед на редовните масовни протести на оние кои се против најавената реформа, израелското општество стана поларизирано, при што поддржувачите на најавените промени веруваат дека тие ќе ја вратат рамнотежата меѓу властите. Така, владата и нејзините поддржувачи тврдат дека се неопходни промени за да се скротат судиите кои се однесуваат како активисти и агресивно навлегле во сферата на парламентот и извршната власт.
„До сите мои пријатели кои седат овде, погледнете колку имаме моќ“, рече пратеникот од екстремната десница и министер за финансии, Безалел Смотрич, пред масата во Ерусалим во четвртокот.
„Тие ги имаат медиумите и тајкуните кои ќе ги финансираат протестите, но ние ја имаме нацијата. Ќе го поправиме она што треба да се поправи“, рече Смотрич.
„Нацијата бара реформи во судството“, беше одговорот на насобраните демонстранти, од кои многумина вееја израелски знамиња.
Министерот за правда Јарив Левин рече дека два милиона Израелци кои гласаа за актуелната влада гласаа и за судските реформи и вети дека „ќе направат значителна корекција на сегашната ситуација“.
На почетокот на јануари, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху најави судска реформа која ќе ги намали овластувањата на судиите на Врховниот суд во корист на демократски избраните носители на законодавната и извршната власт и ќе го намали нивното влијание врз изборот на идните судии.
Од друга страна, десетици илјади Израелци се собираат во градовите низ земјата секоја седмица, обично во сабота навечер, за да го критикуваат нацрт-законот и националистичко-религиозната коалициска влада што Нетанјаху ја состави во декември.
Израел нема устав, но улогата на уставот ја игра Декларацијата за независност и низа основни закони. Многумина во израелското општество, вклучително и претседателот на земјата, ги повикаа спротивставените страни да постигнат компромис и побараа од коалицијата да ги омекне своите првични предлози.
На крајот на минатиот месец, владата попушти под притисок и го стави во мирување планот за реформи во правосудството, давајќи време за дополнителни консултации.