Палестинците статочени во најголемата болница во Газа во вторникот копале масовна гробница за да ги закопаат пациентите кои починаа под израелската опсада на болничкиот комплекс и рекоа дека нема план за евакуација на бебињата и покрај тоа што Израел објави понуда да испрати преносни инкубатори.
Израелските сили ја опколија болницата „Ал Шифа„ во градот Газа, за која тврдат дека се наоѓа над подземниот штаб на милитантите на Хамас. Но оваа владејачка исламистичка група во Газа, го негира присуството на борци и вели дека 650 пациенти и 5.000 до 7.000 други раселени цивили се заробени во комплексот на болницата, под постојан оган од снајперисти и беспилотни летала на изралеската војска. Хамас тврди дека во последните денови починале 40 пациенти, меѓу кои и три предвремено родени бебиња чии инкубатори биле исклучени по прекинот на струја во болницата.
Пет седмица откако Израел вети дека ќе го уништи Хамас како одмазда за прекуграничниот напад на милитантите, судбината на опколената болница стана фокус на меѓународното алармирање, вклучително и од најблискиот сојузник на Израел, Соединетите држави.
Ашраф ал-Кидра, портпарол на Министерството за здравство на Газа, со кого Reuters телефонски контактирал во комплексот на болницата, рекол дека во болницата има околу 100 тела во фаза на распаѓање и дека нема начин да се извлечат.
„Планираме да ги закопаме денеска во масовна гробница во медицинскиот комплекс Ал Шифа. Тоа ќе биде многу опасно, бидејќи немаме никаква покритие или заштита од Меѓнародниот комитет на Црвениот комите, но немаме друга опција како што имаат телата на мачениците, почнаа да се распаѓа“, изјавил тој за Reuters. „Мажите копаат додека зборуваме релол ал-Кидра.
Директорот на болницата „Ал Шифа“, Мохамед Абу Селмија, претходно во вторникот изјави за BBC дека израелските власти сѐ уште не дозволиле телата во распаѓање да се изнесат од болница, па кучињата почнале да влегуваат и да ги јадат останките на мртвите.
Триесет и шест бебиња останаа во неонаталното одделение откако три од нив починаа. Без гориво за генераторите за напојување на инкубаторите, бебињата се одржуваа на топло колку што е можно подобро, наредени по осум до кревет.
Израел во вторникот објави дека нуди преносливи инкубатори на батерии за да можат бебињата да се преместуваат. Но, ал-Кидра вели дека досега не се воспоставени никакви аранжмани за спроведување таква евакуација.
„Немаме ништо против бебињата да бидат префрлени во која и да е болница, во Египет, на Западниот брег или дури и во окупационите (израелски) болници. Она за што најмногу се грижиме е благосостојбата и животите на тие бебиња. Окупацијата сè уште ја држи во опсада болницата и одвреме-навреме пукаат по дворот. Сè уште не можеме да се движиме, но понекогаш лекарите ризикуваат кога треба да им помогнат на пациентите“, изјавил ал-Кидра.
Израел негира дека болницата е под опсада и вели дека неговите сили им дозволуваат на луѓето кои се засолнати таму да си заминат. Лекарите и службениците во болницата велат дека тоа не е точно. Агенцијата Reuters не можела самостојно да ја потврди ситуацијата.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас откако борците на милитантната група ја пробија оградата на енклавата и дивееја низ израелските градови убивајќи цивили на 7 октомври. Израелците велат дека 1.200 луѓе биле убиени, а околу 240 грабнати и пренесени во појасот Газа како заложници во најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на Израел.
Но, одговорот на Израел, вклучително и заострување на целосната блокада воведена во 2007 година, и непрестајното бомбардирање на малата густо населена со 2,4 милиони жители енклава во која загинаа над 11.000 цивили, од кои над 4.600 се деца, а илјадници се заробени под урнатините, силно ја вознемири меѓународната заедниц. Израел вели дека Хамас е виновен за нанесување штета на цивилите, бидејќи меѓу нив се кријат неговите борци што движењето го негира.
Најмалку две третини од 2,4 милиони луѓе во Газа останаа без покрив над главата, не можејќи да избегаат од пренаселената територија во којашто речиси се исцпрени и последните залихи на храна, гориво, свежа вода и медицински материјали.
Израелските сили започнаа копнена офанзива во Газа на 27-ми октомври и оттогаш го затворија обрачот околу Ал Шифа. Се чини дека опсадата на болницата во последните денови ги вознемири дури и најблиските сојузници на Израел.
„Се надевам и очекувам дека ќе има помалку офанзивни дејствија во однос на болниците. Остануваме во контакт со Израелците. Исто така, постои напор да се направи пауза за да се реши ослободувањето на затворениците и за тоа се преговара и со Катарците… кои се ангажирани“, изјави во понеделникот американскиот претседател Џо Бајден додавајќи дека „болниците мора да бидат заштитени“.
Во понеделникот, израелската војска објави видео и фотографии од оружјето што Хамас наводно го складирал во подрумот на друга болница – „Рантиси“, специјализирана за лекување на рак кај децата. Хамас вели дека станува збор за исценирана сценографија.
Вооруженото крило на Хамас соопшти дека е подготвено да ослободи до 70 жени и деца држени во заложништво во Газа во замена за петдневен прекин на огнот. Портпаролот на вооруженото крило на движењето Бригадата Ал-Касам, Абу Убаида, изјави дека групата понудила да ослободи 50 затвореници и дека вкупниот број може да достигне 70, вклучувајќи ги и оние што ги држат различните фракции, додека Израел бара ослободување на 100 заложници.
Израел го отфрли прекинот на огнот, тврдејќи дека Хамас ќе го искористи за да се прегрупира, но вели дека може да се согласи на кратки „хуманитарни „паузи“. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, им рече на новинарите дека Вашингтон „би сакал да види значително подолги паузи – денови, а не часови – во контекст на ослободување заложници“.