Масовна селидба на новиот аеродром во Истанбул

Стотици камиони со воздухопловна опрема во петокот минуваа по улиците на Истанбул, како дел од големото преселување во новиот меѓународен аеродром во турскиот мегалополис.

Селењето на новиот истанбулски аеродром „Istanbul Grand Airport“ (IGA) од воздушното пристаниште „Ататурк“, кој се наоѓа околу 40 километри јужно, започнало во мугрите во петокот и се очекува дека ќе трае во следните 45 часа, пишува новинската агенција Anadolu.

На речиси 700 камиони ќе бидат преселени 10.000 парчиња опрема тешка 50.000 тони, соопшти портпаролот на воздухопловната компанија „Turkish Airlines“. На преселувањето работат 1.800 работници. Операторот „Turkish Airlines“ одвоено ќе пресели севкупно 280 авиони, од кои 151 ќе полетаат од „Ататурк“ и ќе слетаат на својот нов матичен аеродром.

Воздушниот сообраќај на двата аеродрома ќе биде во прекин 12 часа, почнувајќи од 2 часот наутро по локално време во саботата. Меѓу 9 и 26 часа ќе бидат затворени и трите главни автопата, од 22 часот вечерта во петокот. Меѓународните превозници планираат да започнат со летовите од новиот истанбулски аеродром во сабота на плоноќ, објави портпаролот на „Turkish Airlines“

Од новиот истанбулски аеродром, кој беше инаугуриран пред повеќе од пет месеци, веќе се изведуваат одреден број летови. Првиот официјален лет од „Istanbul Grand Airport“ беше изведен на 31-ви октомври 2018 година, откако два дена претходно го отвори турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Новиот аеродром на европскиот брег на Истанбул по три одложувања ќе започне да работи со планиран годишен капацитет од 200 милиони патници во следните десет години. Со тоа би станал најпрометниот аеродром на светот, титула која сега му припаѓа на меѓународниот аеродром „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта, во американската сојузна држава Џорџија, кој во текот на 2017 година имал капацитет од околу 104 милиони патници.