Масовни евакуации во Калифорнија, десетици илјади луѓе без струја

Целата населба Монтесито, делови од Санта Барбара и други околни градови во американската сојузна држава Калифорнија добија во понеделникот ноќта налог за евакуација поради зголемената опасност од поплави и одрони откако уште една силна зимска бура ја погоди областа.

Екстремното зимско време коешто трае веќе десетина дена на подрачјето на Калифорнија, според гувернерот Гевин Њусом, однесе досега најмалку дванаесет човечки животи.

Големите бранови во понеделникот ги пустошеле крајбрежните населби, силните ветрови соборувале стебла и оставиле десетици илјади луѓе без снабдување со електрична енергија, а метеоролозите најавуваат уште поврнежливо време.

Налог за евакуација добиле повеќе од 10.000 луѓе, а е издаден токму на петтата годишнина од големото свлечиште на земја во Монтесито коешто усмрти 23 луѓе и уништи повеќе од сто домови.

Жителите со денови се борат со поплавите и одроните на земја. Ексклузивната населба Монтесито е стеснета меѓу планините и Тихиот Океан. Таму живеат низа славни личности, меѓу кои и телевизиската водителка Опра Винфри, актерот Роб Лоу, како и војводата и војвотката од Сасекс, британскиот принц Хари и неговата сопруга поранешната американска актерка Меган Маркл.

Шерифот на округот Санта Барбара, Бил Броун, изјави дека одлуката за евакуација е „заснована на континуираната висока стапка на врнежи без знаци дека ќе се променат прекуноќ“. „Се излеаја потоците и многу патишта се поплавени“, додаде шерифот.

Населбите крај околните кањони за кои е наредена евакуација се сместени во подножјата на ридовите оголени поради пожарите коишто со години беснеат во оваа област.

Покрај за крајбрежјето, издадени се наредби за евакуација на околу 32.000 луѓе во округот Санта Круз, поради надојдените реки и потоци. Округот Санта Круз, кои сѐ уште се справува со големите штети по должината на брегот од минатонеделната бура, повторно ги доживеа едни од најголемите штети.

Преку поплавените патишта, спасувачките тимови се бореле да влезат во населбите каде што жителите пријавиле дека се заробени во своите автомобили и домови.

Доцна во неделата американскиот претседател Џо Бајден одобри прогласување вонредна состојба за Калифорнија, што ја овластува Сојузната агенција за управување во вонредни ситуација да ги координира напорите за помош при катастрофи и да обезбеди ресурси за итни случаи.

Гувернерот Њусом го предупреди населението да не ја „искушуваат судбината“, и ги повика да се придржуваат на предупредувањата за евакуација и да ги следат упатствата на службите за јавна безбедност.

Климатологот Дениел Свејн од Калифорнискиот универзитет прогнозира дека екстремните бури ќе потраат најмалку уште една седмица.