Сирени за воздушен напад се слушаа низ Украина во раните утрински часови во понеделникот, додека украинските власти и медиуми објавија серија руски напади со беспилотни летала и ракети.
Украинската војска тврди дека соборила 35 беспилотни летала камикази над Киев. Властите во главниот град соопштија дека паѓањето на остатоци повредило пет лица и оштетило станбен блок заедно со приближно 20 возила. Дополнително, бил пробиен и резервоар за дизел, иако тоа не довело до пожар, соопштија официјални лица.
Украинските медиуми објавија, цитирајќи ја војската, дека околу полноќ по локално време, бомбардери на руското воздухопловство лансирале осум проектили, од кои најмалку една погодила магацин во регионот Одеса.
Шефот на локалната воена команда, Јуриј Крук, рече дека бомбардирањето во понеделникот наутро предизвикало голем пожар и дека едно лице е исчезнато.
Во меѓувреме, коментирајќи ги нападите во текот на ноќта, Владимир Рогов, висок руски функционер во регионот Запорожје, на својот канал Телеграм тврди дека ракетниот напад уништил складиште за муниција што го користела украинската војска.
Украинските медиуми јавија и за експлозии во регионите Чернигов и Днепропетровск, како и во градот Запорожје.