Бардот на македонската поезија, академик Матеја Матевски, е прв добитник на „Повелбата на Блаже Конески“ што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, со трајни белези во развојните процеси на македонската литература и со значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот.
„Повелбата на Блаже Конески“ неодамна ја востанови ДПМ во знак на чествување на големиот поет и прв претседател на македонската писателска асоцијација Блаже Конески. Повелбата ќе се доделува на секои пет години.
На академик Матеја Матевски признанието ќе му биде врачено на 17 декември, на свечениот собир што по тој повод ќе се одржи во рамките на традиционалните Денови на Блаже Конески.
Матеја Матевски (роден 1929 година во Истанбул) е автор на богат и значаен поетски опус. Својата прва стихозбирка, „Дождови“, ја објави пред 60 години, смело афирмирајќи ги новите модернистички тенденции кои оттогаш до денес се проткајуваат во сите важни фази од развојот на современата македонска литература. Неговата поезија е презентирана во посебни книги на 25 јазици во светот.
За своето творештво Матеја Матевски е добитник на врвни книжевни награди што се доделуваат кај нас и во светот, меѓу кои и на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Матеја Матевски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година. Бил претседател на ДПМ и на Македонската академија на науките и уметностите.