Бојкотот на незадоволниот фудбалер на „Реал“, Матео Ковачиќ вроди со плод откако управата одлучила да го позајми на „Челзи“, ексклузивно објави „Марка“. Не се познати финансиските детали од позајмицата на Ковачиќ во Лондон, како и дали станува збор за класична позајмица или со можност Англичаните наредната сезона да го откупат неговиот договор. Хрватот наводно вчера одбил да тренира во знак на протест бидејќи клубот не го продава.
Според шпанскиот медиум, на тој начин би биле задоволени сите три страни. Младиот играч би добил прилика да оди во клубот каде што ќе може да игра повеќе, што е неговата главна причина за незадоволство.
Според информациите, Ковачиќ ќе отпатува во Лондон и во наредните неколку часови се очекува да потпише договор со „Челзи“ со што ќе започне нова авантура во својата кариера.
Ковачиќ во Мадрид пристигна летото 2015 година од „Интер“ за сума од 31 милиони евра. „Нероаѕурите“ две години претходно го купија од Динамо Загреб за 11 милиони евра.
Хрватот за „Реал“ одигра 109 натпревари и постигна три погодоци. Тој ќе биде трето засилување за „сините“ после ветеранот Роберт Грин и Жоржињо.
Неизвесно е дали во спротивен прваец во Мадрид ќе дојде голманот на „Челзи“, Тибо Куртоа кој јасно даде на знаење дека сака да замине од Лондон во Марид.