Огромна акција, во која беа вклучени многу македонски естрадни личности, поддржани и од Министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, беше организирана на централното градско подрачје. Клуб Матица преку познатите личности им ја пренесе главната идеја на проектот на граѓаните – дека треба да почнат да читаат повеќе, но и истото да го прават насекаде. Низ центарот на Скопје, на случајните минувачи им беа поделени голем број наслови од македонски автори, како начин на промоција на најзначајните македонски мисли, кои мора да ги чуваме и за истите да се грижиме соодветно.
„Уверена сум дека оваа кампања која мобилизираше широк круг на општествено одговорни компании и истакнати поединци од сите сфери на нашето живеење значително ќе го зголеми бројот на читателите, особено од најмладата популација. Ние мораме да се грижиме за физичката и менталната состојба на најмладите, особено во оваа ера на целосна посветеност на интернетот и модерните социјални медиуми. Би сакала да изразам голема благодарност до издавачката куќа „Матица македонска“ за оваа иницијатива но, и до сите реномирани компании, истакнати личности од јавниот живот, автори и поединци кои се дел од оваа кампања и кои даваат свој придонес во популаризацијата на книжевното творештво и афирмацијата на пишаниот збор“, изјави Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.
Денешната акција претставува само вовед, но и објаснување зошто Клуб Матица се одлучи за ваков вид кампања која е пред се наменета кон поттикнување на читателите да читаат повеќе, но и да се даде поддршка на македонските автори, како и да се предизвика социјалната одговорност на најголемите македонски компании. Како што беше нагласено, голем број на реномирани македонски фирми се вклучија во кампањата, а дел од нив беа присутни и на самиот прес, со цел да ја споделат со јавноста нивната приказна акција со која се приклучуваат на проектот.
Клуб Матица го најави главниот настан кој е предвидено да се случува на 17-ти Април кога сите фирми-учеснички ќе делат од откупените наслови на минувачите, како начин да се помогне при развивањето и надоградувањето на свеста за читањето и количината мудрости која луѓето секојдневно ја конзумираат преку книгите.