Матичните лекари против предлогот за дежурство во ковид амбулантите

Матичните од Скопје затечени од одлуката дека ќе дежураат и во ковид амбуланти кои треба да бидат отворени во 5 скопски поликлиники. Ова го тврдат од здружението на приватни лекари според кое не е време за ваков проект на Комисијата за заразни болести во услови кога нема гужви и притисок од пациенти во ординациите.

-Уште еднаш да размисли Комисијата дали е време за дестабилизирање на примарното здравство. Кога еден матичен ќе биде на смена и тогаш треба да дежура тогаш кој ќе ги третира неговите пациенти, вели др. Лилија Чолакова Дервишова претседател на ЗПЛРМ.

И додека матичните реагираат, од Министерството за здравство со оправдување дека Комисијата за заразни болести е советодавно тело кое дава препораки а одлуки носи министерот.

-Во однос на препораките на КЗБ за формирање ковид амбуланти, потсетуваме дека Комисијата за заразни болести е советодавно тело кое од стручен аспект дава препораки за справување со вирусот ковид-19, а министерот потоа донесува одлука врз основа на пошироки стручни консултации. Сите организациски аспекти околу нови ковид-амбуланти ќе бидат прецизирани во комуникација и координација со матичните лекари, имајќи предвид дека целта е заедничка а тоа е подобар и поорганизиран пристап до здравствена заштита за ковид пациентите, одговорија од Министерството за здравство.

Според препораката на Комисијата за заразни болести кажана вчера, ковид амбулантите ќе бидат место за пациенти со симпоми на вирусот каде освен лабораторија и преглед ќе има и брзи тестови. Од Здружението на приватни лекари и посочија на Комисијата кој може да биде ангажиран во новиот проект.

-Можат да ангажираат кадар од здравствентие домови – оние од вакциналните пунктови, специјализанти, да вработат млади доктори, вели др. Чолакова.

Иако не е дефинирано од кога ќе проработат ковид амбулантите во Скопје, на Комисија за заразни болести утврдиле тие да бидат сместени во ноќните служби на поликлиниките.