Засилување на улогата на матичните лекари и намалување на административни процедури за препишување хронична терапија, се новините во примарната здравствена заштита кои денеска ги промовираше министерот за здравство Фатмир Меџити.
– Неделава ја посветуваме на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита. Отпечатени се информативни брошури со поддршка од Светската здравствена организација, завршена е едукацијата на 700 матични лекари за новиот правилник за препишување лекови и во следните неколку дена планираме посети во повеќе здравствени домови во државата, со цел одблиску да ги запознаеме пациентите и докторите со овие новини – информира Меџити.
Тој појасни дека трансформирањето на системот на примарната здравствена заштита е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем.
На овој начин, нагласи тој, се врши растоварување на секундарното и терцијарното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија.
– Паралелно со тоа ќе овозможиме поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место – ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и слично – додаде министерот нагласувајќи дека со овие промени се прави децентрализација на здравството.
Тој објасни дека конзилијарната терапија што се препишувала само во терцијарно здравство, односно на Клинички центар, отсега ќе се препишува кај фамилијарните доктори.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека се работи на ажурирање на „Мој термин“.
– Имаме идеја и за тоа како да го направиме и работиме со тимовите што побрзо тоа да можеме да го сведеме на минимум чекањето за термини за било што, за дијагностика или за обични прегледи кај специјалисти – нагласи министерот.
Доктор Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита, дополни дека сега повеќе од кога било, матичниот лекар е сеопфатно едуциран и компетентен да се грижи за хроничното заболување, согласно упатства пропишани од експерти.
– Проширена е листата на лекови и лабораториски упати што може да ги препишува матичниот лекар. Медицинската сестра е целосно едуцирана за унапредување на вашето здравје и за превенција на болести. Тимот лекар и сестра на ниво на примарната здравствена заштита знаат точно што, каде и како треба да се направи за подобрување на здравјето. Тие го следат хроничното заболување и подобро го контролираат. Визијата за подобро здравство е – повеќе здравје поблиску до местото на живеење – нагласи Мехмедовиќ.