Матичните гинеколози ем лапаат пари од Фондот, ем наплаќаат приватно

Повеќето приватни матични гинеколози и покрај здравственото осигурување на пациентките продолжуваат да ги наплаќаат прегледите и нивните услуги како им одговара. Цените на ехо прегледите се движат од 300 до 1000 денари, земањето брисеви околу 300 денари, а се наплаќа дури и самиот преглед околу 300 денари. Од наплатата не се изземени дури ниту трудниците, иако законски се ослободени од секакви плаќања.

Проблемот со цената на чинење на услугите кај матичен гинеколог е проблем што во изминатите три години никако да се реши, а револтот кај женската популација е сѐ поголем. Во 21 век кога бројни здруженија апелираат за поголема грижа за женското здравје, во Македонија жена за еден обичен преглед не може да помине без минимум 1.000 денари, иако има покриено здравствено осигурување.

 

Иако според законот за здравствена заштита голем дел од услугите се покриени со здравственото осигурување, мојот матичен гинеколог ми наплаќа по 500 денари за ехо преглед, 300 денари за класичен преглед и 350 денари за земање брисеви, кои подоцна сама ги носам по лабораориите и дополнително плаќам. Кога и да прашам зошто сето ова се случува, одговорот е дека Фондот за здравство е виновен и по кратка расправија, заминуваш и си велиш ајде за здравје. Но, веќе се претера. За сите овие услуги не добиваш ниту фискална сметка, а за тоа користат најразлични изговори. Па, постојат жени што не можат да си дозволат еден обичен преглед, а по медиумите се рекламираат разни здруженија за борба за женското здравје, па мотивирање да се оди на прегледи, а земјава тоне во сиромаштија, вели револтирана скопјанка.

Во рамките на законот исто така се вели дека бремените жени се ослободени од одредени давачки, но сепак во реалноста не се изземени од „грабежот“ од своите матични гинеколози.

Задоволна сум од докторот, ја водеше мојата прва бременост, чувствително прашање е сепак, ама со наплатата е претерано. Една контрола некогаш ме чини и по 2.000 денари, ако ги вклучам и давачките за анализа на брисевите. Ќе споменам околу цената, и тој знае да искоментира само, проблемот е во лошото менаџирање на ФЗОМ, ние не сме виновни, мора да живееме од нешто, вели пациентка на една приватна гинеколошка организација што има склучено договор со ФЗОМ

Според Душко Филиповски, претседател на здружението за приватни гинеколози, за овие проблеми со кои се соочуваат пациентите, виновни се Министерството за здравство и ФЗОМ бидејќи не ги слушаат нивните барања за промена на висината на капитацијата, што во моментов е еднаква за сите, а тие бараат да биде различна и определена од возраста на пациентите.

Ние потпишавме договор со овие две институции и дополнителните анекси не ги потпишуваме бидејќи никој не ги слуша нашите барања, затоа однесувањето на гинеколозите премина во „анархија“ и се наплаќаат услугите најразлично според обемот на работа којшто го имаат колегите, вели Филиповски за „Нетпрес“.

На нашето прашање зошто едноставно не го раскинале досега договорот со ФЗОМ и не се откажале од капитацијата, тој објасни дека овој хаос нема да се реши се додека не се ислушаат нивните барања и токму поради ваквиот хаос ќе страдаат пациентките.

Договорот со ФЗОМ завршува до крајот на 2018, што ќе се случува понатаму не знам, моментално преговараме, ама ако не се одредат јасно ценовниците за услугите и не се зголеми капитацијата, ситуацијава ќе биде уште похаотична- дополнува тој.

ФЗОМ апелира на пријави од страна на пациентките за несовесните гинеколози

Фондот за здравствено осигурување е информиран преку поплаки со телефонски јавувања од страна на осигуреничките дека матичните гинеколози им наплаќаат на жените во било која возраст, а исто така и на бремените жени. До Фондот има пријави за наплата од страна на осигурените лица било како анонимна претставка или претставка во писмена форма  со доставена фискална сметка.

Сакаме да потсетиме дека согласно договорот, приватните здравствени установи треба на видно место во ординацијата на матичниот лекар, во форма и големина утврдена од Фондот, да истакне текст дека “Прегледот како и помошните дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање на брис кај избраниот лекар не се наплаќаат“. Истовремено апелираме доколку сепак им се наплати, да ја чуваат фискалната сметка и да ја достават во Фондот. За жал, честопати осигуреничките иако ги информираме дека не треба да им се наплаќа земањето на брис или на колпоскопија и им укажуваме колку е едноставно да ни достават претставка, тие сепак одбиваат да го направат тоа од различни причини, што за нас како Фонд потоа е тешко да постапуваме без соодветна претставка, велат од ФЗОМ.

Во 2017 година извршени се 31 контрола во гинеколошки ординации, од кои 6 контроли се извршени по доставена претставка од  осигурени лица, додека  7 контроли се извршени по доставена писмена претставка преку архива од Народен правобранител на Р.Македонија. Од вкупниот број на извршени контроли,  во 5 ординации е констатирана наплата на дополнителни финансиски средства, а исто така и во 5 ординации  недостасува дел од задолжителната ампуларна и ургентна терапија. Гинеколошките ординации во кои се констатирани неправилноси се доставуваат до Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорни казни.