Матсен на местото на Френки Де Јонг во селекцијата на Холандија

Френки Де Јонг не е подготвен за УЕФА ЕУРО, одлучи холандскиот селектор Роналд Куман, па затоа денеска во селекцијата на „портокаловите“ го врати Јан Матсен.

-Де Јонг ќе биде подготвен едвај за три недели. Тој има долга историја на таа повреда и моравме да размислуваме за неговото здравје. Ни неговиот клуб не сака да ризикува, па бевме принудени да ја донесеме оваа одлука, изјави Куман.

Левиот бек на Борусија Дортмунд се најде на поширокиот список за УЕФА ЕУРО, не го мина „филтерот“, но се чини дека му беше судено да се најде меѓу 26-те фудбалери кои ќе ги бранат боите на селекцијата на европскиот фудбалски форум.

Јан Матсен има 22 години и се уште не дебитирал за А селекцијата на Холандија. Сепак, зад себе има долга репрезентативна кариера во помладите категории бидејќи дресот на „лалињата“ го носи од 2017 година.

Можеби Куман ќе мора да направи уште една корекција во составот бидејќи се повреди и Теун Копминерс.

Играчот од средниот ред на Аталанта денеска ќе има лекарски преглед, по што ќе се види колку е сериозна повредата и колку време ќе треба да отсуствува.

На стартот од натпреварувањето во групата Д, Холандија на 16 јуни од 15 часот игра против Полска, која исто така мора да трепери за повредите на Роберт Левандовски и Швидерски по последната проверка.