Мавровски за состојбата со РЕК Битола: Бог да ни е на помош со вакво неспособно раководство

Поранешниот директор на РЕК Битола производство Спиро Мавровски во колумна за expres.mk со црни прогнози за ситуацијата со струја која треба да се произведува во термоелектраната која вчера ја зафати пожар.

Прочитајте ја целата колумна на Мавровски за термоелектраната што во нормални околности ја произведува најголемата количина на струја потребна за македонските семејства и бизнис:

Еве додека го следиме падот на оваа влада и формирање на новата од новите коалициони партнери, се случува голема хаварија во РЕК Битола. Случајно или…?

Во ова мое обраќање до јавноста сакав да пишувам за невозможноста да се донесат 900.000 тони (Т) јаглен и тоа како што беше последно кажано со камионски превоз на оддалеченост од 300 и повеќе километри, или во двата правци 600 и повеќе километри. Јагленот кој го користи РЕК Битола е, (беше), со просечна калорична вредност од од 1750 kcal/kg, а во моментот се копа далеку понеквалитетен јаглен.

Се ова, овој тендер го прави безнадежен со цена која не знам кој ќе може да ја плати. Другата алтернатива со железнички превоз нема да биде ништо поефтина.

Зошто?

Во оваа варијанта имате утовар и растовар на јагленот на посебни вагони од кои треба да се утовара и растовара јагленот. Ова потоа значи да имате формирање на уште една помошна депонија на железничка станица и од тука претовар на камиони возење околу 12-13 км и растовар директно на депонијата за јаглен која во моментот е празна и може да прими дури 700-800.000 Т јаглен.

Катастрофална еколошка состојба, енормно загадување во целиот крај.

Значи секој паметен и секој кој барем малку разбира за РЕК Битола ќе каже дека ова е невозможна мисија.

Во моментот раководството на РЕК Битола и генералниот директор Васко Ковачевски излегуваат со помпезна информација дека на депонијата за јаглен во моментот има 40.000 Т јаглен (и со букви четириесет илјади тони јаглен), за обичните граѓани и неупатените во проблематиките во РЕК Битола ова изгледа огромна бројка но ова е катастрофично за Република Македонија.

На времето без 500-600.000 Т депонирани на депонијата на јаглен не ни почнуваше грејната сезона, дневната потрошувачка на јаглен за трите блока се движеше од 18-20.000 т јаглен, а сега со овој (никаков) квалитет на јаглен господата планираат да работат со два блока и да трошат „само“ 10.000 Т јаглен за двата блока. Весела математика на некој што не разбира ништо. Сепак и оваа бројка од 40.000 Т доволно кажува дека ситуацијате е безнадежна.

Зошто?

Никој никаде не се фали со резерва за 3-4 дена работа на двата блока и тоа на почеток на грејната сезона, но прво што треба да кажат е колкава е откривката на јаглен во рудниците Подински серии и Брод-Гнеотино и која е можноста за негова експлоатација и носење на централната депонија во РЕК Битола. ОВА Е НАЈВАЖНОТО, но никој не кажува ништо за ова.

Но додека го пишував ова во текот на вчерашниот ден во вечерните часови се случува хаварија, отворен оган од блочниот трансформатор на блок 3. Катастрофа од невидени размери, не знам точно, сѐ уште нема официјална информација што точно се случи синоќа но доколку се работи за поголемо оштетување на блочниот трансформатор тоа значи и да имате јаглен и од повеќе, овој блок наредните 5-6 месеци ќе биде надвор од употреба.

Бог да ни е напомош на сите граѓани на Македонија со ваквата работа и размислување на ова неспособно раководство.

На крај би сакал само да потсетам за некои големи хаварии кои за жал или не случајно се случуваат кога СДСМ е на власт во државата. Голема хаварија и палење на дистрибутивната трафостаница во рудник Суводол, истата изгоре до темел и ја прекина работата во рудникот и најголемата хаварија, РУШЕЊЕ НА КОСИОТ МОСТ на блок 1, 1993 година кога повторно беа политички игри кои завршија со отпуштање на вработените од работа сите оние што во тие моменти протестираа.

Следеше бркање и суспендирање на вработените за на крајот се заврши со влегување на „народната милиција“ во кругот на рудникот и гушење на штрајкот на вработените. Случајностите случајно не се случуваат, ВНИМАНИЕ за се што ќе се случува понатаму, ситуацијата е тешка, можеби претешка, треба да се бара излезот од оваа безнадежна состојба.

Битола, 06.11.2021 год. м-р Спиро Мавровски дипл.ел.инж.