Мавровски: За тоа што се случува во РЕК Битола треба да се одговара, досега не се случило да се доведеме во ситуација да останеме речиси без електрична енергија

Пострашно не може да биде од тоа трите блока на РЕК Битола да не работат како што е сега. Ова претходно беше незамисливо, особено на почеток на грејна сезона кога работеа трите блока. Сега имаме ситуација само едниот да се вклучува во игра и не се знае до кога, вели за „Што не е јасно“ на Алфа, поранешниот директор на РЕК Битола производство Спиро Мавровски.

Според него претходните 30-35 години не се случила ваква ситуација електрична енергија речиси да нема и потенцира дека во овие моменти некој треба да понесе одговорност.

– За ова што се случува во РЕК Битола, треба да се понесе одговорност, генералниот директор е повикуван 10 пати од мене со дописи и досега не добив одговор. Ништо не може да се скрие, се што се кажуваше исплива на виделина, јас укажував уште од декември минатата година. Во сите укажувања РЕК Битола работеше со еден блок и тоа во зимски период. Се што имам кажано еве го пред нас. Дека цената на електричната енергија ќе оди нагоре, дека ќе нема јаглен, а без јаглен се друго е илузија, нагласи Мавровски.

Тој вели дека сега во моментов во основа немаме ништо, и прашува како може да се лаже народот дека ќе се вклучат сите останати капацитети освен РЕК Битола бидејќи сите останати се само 15%.

-Во Осломеј уште се спрема и ќе работи, јаглен нема ама велат ќе почне, вештачките езера немаат капка вода, ветерниците зависат дали ќе има ветер, рече Мавровски.