Полицијата поднесе кривична пријава за убиство против 35-годишен скопјанец кој на 3-ти август годинава ја запалил со бензин поранешната сопруга, а бил приведен пред три дена и го признал делото.
Како што соопшти МВР, Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против лицето А.И. (35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
На 3-ти август 20,30 часот, мажот се сретнал со својата поранешна сопруга 32-годишната Р.И., кога кусо разговарале и потоа се разделиле. После тоа пријавениот отишол на бензиска пумпа и купил бензин, кој го наточил во пластично шише од литар и половина. По кратко време поранешните сопружници повторно се сретнале на улицата „Цветан Димов“. Р.И. го чекала со дете и заедно со такси возило заминале во село Љуботен кон куќата на 37-годишниот Ф.С. од Скопје.
Бидејќи не можеле да ја најдат куќата побарале помош од селаните во село Љуботен, при што 22-годишниот М.К. ги одвел до куќата. Пријавениот забележал дека во куќата нема никој и се преправал дека ѕвони и разговара со сопственикот Ф.С. од својот мобилен телефон, со намера да го прелаже М.К. дека сопственикот на куќата за кратко ќе пристигне.
М.К. заминал и по кратко време добил повик од Ф.С. при што заклучил дека тој и А.И. не разговарале. Се вратил во куќата и ги забележал А.И. и Р.И. како разговараат, а до нив имало запален оган. Во тој момент пријавениот му се развикал на М.К. и тој заминал. Набргу потоа, пријавениот со шишето бензин ја посипал Р.И. и со запалка ја запалил. Таа починала веднаш, а тој со детето побегнал од местото на настанот. По патот запрел едно возило кое ги однело до населбата Чаир.
Во меѓувреме, селаните забележале оган кој зафатил мала површина од нива. Кога пристигнале да го локализираат пожарот забележале јагленисан човечки труп и пријавиле во СВР Скопје. На местото излегле Јавен обвинител и екипа на СВР Скопје и извршиле увид. По наредба на Јавен обвинител телото било дадено во Институтот за судска медицина за обдукција.
По преземените мерки и активности за расчистување на кривичното дело, на 25-ти септември, од страна на полициски службеници од Единицата – Алфа, од слобода бил лишен пријавениот А.И. Со него бил извршен разговор во кој тој признал дека го извршил кривичното дело.