Финските научници открија дека 50-годишните мажи биолошки се четири години постари од жените на иста возраст, објави „Дејли мејл“, цитира БТА. Разликата постои и кај 20-годишниците, но тогаш таа е нешто повеќе од една година.
Истражувачите од Универзитетот во Jyväskylä ја споредиле хронолошката возраст (бројот на родендени) на илјадници доброволци со биолошката возраст. Тие користеле тестови кои ја откриваат влошената состојба на телото врз основа на маркерите во ДНК.
И покрај разликата, научниците мислат дека таа се намалува со текот на времето бидејќи мажите во Финска повеќе не пушат толку многу, додека порокот опстојува кај жените. Индексот на телесна маса е уште еден главен фактор зад родовите разлики во стареењето. Мажите во просек имаат поголема тежина од жените.
Резултатите од студијата помагаат да се објасни зошто жените во просек живеат подолго од мажите.
Научниците работеа со 2240 парови, поделени во две групи според возраста. Од нив, 151 пар биле брат и сестра – со иста генетика и начин на живот во детството. Биолошката старост се пресметува со таканаречените епигенетски часовници, кои го мерат нивото на метилација на ДНК. Ова е степенот до кој метил групите се прикачени на ДНК во клетките. Експертите ги опишуваат како ракови кои се закачуваат на труп на брод и го забавуваат. Покрај тоа, експертите ги земаа предвид годините поминати во училиште, индексот на телесна маса, пушењето, пиењето, физичката активност за да утврдат кои фактори можат да влијаат на стапката на стареење.