Во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67-годишна возраст и тоа и за мажи и за жени. Ваква препорака стои во Фискалната стратегија 2025-2029 година што ја изготви Фискалниот совет, а ја усвои Собранието.
Фискалниот совет е државна институција чиј основач е Собранието. Советот беше формиран лани, на барање на меѓународната заедница, со цел да биде контролен механизам на власта против високи буџетски дефицити и високи нивоа на јавниот долг. Фискалниот совет мониторира како власта го крои буџетот и како менаџира со јавниот долг на државата и укажува дали тоа е добро или лошо за фискалната одржливост. Во него членуваат и академик Абдулменаф Беџети, професорката од Економски факултет, Мирјана Трпеска, како и долгогодишниот банкар и професор Глигор Бишев. Членовите ги предложија три институции, и тоа Македонската академија на науките и уметностите, Државниот завод за ревизија и Народната банка на Македонија.
„Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходите од придонеси и расходите за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ. Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, за намалување на фискалните ризици и за консолдација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ. Тековната е 18,8% и е за 2,4% помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2%. Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500 до 1.700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен“, се вели во Стратегијата.
Оттука, се додава во документот, фискалната одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е посебен фискален ризик.
„Имајќи го в предвид значителното намалување на невработеноста и недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%. Потоа, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година“.