Мбапе ќе мора да оди на операција

Селекторот на Франција, Дидие Дешан, објави дека Килијан Мбапе ќе помине низ нови прегледи за повредата на носот во текот на денешниот ден, и потврди дека напаѓачот ќе треба да се оперира по завршувањето на Европското првенство во Германија.

Поради повредата која ја доби во победата од 1-0 против Австрија, многу е веројатно дека големата ѕвезда на францускиот тим ќе пропушти барем еден од наредните два натпревари против Холандија и Полска.

Мбапе сигурно ќе го пропушти натпреварот против Холандија, додека неговото учество на мечот против Полска е неизвесно.

„Во текот на денешниот ден ќе бидат направени детални прегледи за да ја процениме неговата здравствена состојба. Ударот беше сериозен. Медицинскиот тим направи сѐ што може за да ги минимизира штетите по иницијалните прегледи. Иако операцијата не е итна, таа ќе биде потребна подоцна. Вчера се чувствуваше малку подобро, па ќе видиме како ќе се развива неговата состојба. Ќе го следиме неговиот напредок внимателно секој ден“, изјави Дешан за француските медиуми.