Мбапе: Ми недостасува трофеј во Лигата на шампиони со ПСЖ

Францускиот фудбалски репрезентативец Килијан Мбапе изјави оти и во иднина себеси се гледа во тимот на ПСЖ и го потврди својот „сон“ за учество на Олимписките игри идната година во Париз.

– Во ПСЖ. Имам договор со ПСЖ, изјави Мбапе за Франс 3, одговарајќи на прашање каде се гледа себеси во следната сезона.

Мбапе (24) во мај 2022 година го продолжи договорот со актуелниот француски шампион до 2025, со можност за продолжување на соработката за уште една година.

Одговарајќи на новинарско прашање за свои идни цели, напаѓачот на ПСЖ рече дека сака да ја освои Лигата на шампиони и да настапи на Олимписките игри 2024.

– Веќе играв финале (пораз од Баерн во 2020), минав полуфинале, четвртфинале, осминафинале. Направив сè, освен да ја освојам Лигата на шампиони. Тоа е тоа што ми недостасува. Се надевам дека и тоа ќе дојде што поскоро … Сите знаат дека отсекогаш сум сонувал да играм на Олимписките игри, но не зависи само од мене. Има многу работи за кои треба да се размисли“, изјави Мбапе.